За лудоста на воскресението

За лудоста на воскресението

Христијанството почива на верата во воскресението. Апостол Павле вели дека христијаните би биле промашен случај ако воскресението не е вистинито. Еден чест приговор за зачетоците на христијанството е следниов: “Луѓето порано верувале во сè, па дури и во воскресението од мртви.“ Овој аргумент го имам чуено од устата на обични секојдневни батки ко мене, но и од сериозни интелектуалци на чив интелект многумина од нас може да позавидат. Во овој навидум разорувачки аргумент се насетува еден потсмев и подбив со оние кои живееле во пред модерната, како да биле толку глупи да не знаеле дека мртвите не стануваат од гробовите. Бремето на глупавоста се префрла и врз оние кои и денес во свет на наука и прогрес сеуште веруваат во вакви „глупости“.

Воскресението од мртвите не му звучи лудо само на постмодерениот материјалист, туку било лудост и во ушите на грчкиот филозоф, римскиот бирократ, за обичниот многубожен земјоделец како и за космополитот хедонист. Едноставно луѓе не стануваат од мртвите! Ова не е откритие на современата наука. Колку и да звучи тоа очигледно, сепак треба да им се посочи на овие луѓе.

Но ние не зборуваме за воскресение на обичен човек. Или за некој си полуден само-прогласен Месија. Такви ги имало во претек и се уште ги има. Зборуваме за човек, кој во својот живот има демонстрирано карактер, знаење и сила кои никој предходно ги нема пројавено. Чудата кои тој ги има извршено немаат паралелни во историјата. Како на пример, враќање на видот на човек кој бил слеп од раѓање. Или пак целосно прочистување на човек со лепра. Или пак реставрирање на исушена рака во целосна функционалност. Или пак воскреснување на човек кој починал и веќе бил сместен во гроб 4 дена…. Да не ја редам листата, ќе го парафразирам Апостол Јован:

„Ако запишеме сè што Исус стори и поучуваше, кај ни е крајот? Сите книги во светот нема да ни стасаат.“

И во право бил човекот. Еве нè, речиси 2000 години подоцна, сè уште се восхитуваме, зборуваме и пишуваме за овој Исус. Личност која ја има влијаено човековата историја како никој друг пред или после него.

    Исус си ја најавил сопствената смрт, објаснил кој и зошто ќе го убие, објаснил дека всушност и негова намера е ова да се случи, „никој не ми го зема животот, самиот го давам“. Објаснил и зошто тоа мора да се случи и на крај го најавил сопственото воскресение. Кога го чуле ова неговиот потесен круг на пријатели се фатиле за глава и рекле “Куку ноне!“ Еден од нив почнал смело да го утешува „Седи, што ти е, кој смее да те пипне!“ И нормално, поради неговата смелост истот добил и многу конкретни детали за неговиот удел во настаните кога Исус ќе биде заробен. Во кратки црти Исус му рекол „Петар… за неколку саати од сега ќе се правиш дека не се знаеме.“

Кој зборува вака?! Кој може толку прецизно да ги знае времето и настаните уште пред да се случат?! Ова може да го каже само некој кој има целосна контрола врз истите.

Всушност, Исус најавил дека неговата смрт ќе дојде како резултат на тоа дека неговиот целосен идентитет ќе стане познат на сите. Сите ќе дознаат дека е Божјиот Син, еднаков со Бог Отецот.

    Ок, да се вратиме на лудилото на Воскресението. Рековме дека не е вообичаено луѓе да воскреснуваат.  Како што не е вообичаено ни луѓе да летаат. Нели? Како што не е вообичаено луѓе да се транспортираат од една локација до друга во еден миг без да го поминат просторот измеѓу. Кога би се случиле овие нешта ние би ги нарекле чуда. 

А „чудата се ирационални и не се случуваат“ тврди атеистот. Затоа што чудо значи кршење на постоечките природни закони според таа претпоставка. Но, што ако разбереме како може човекот да се транспортира без да патува низ просторот? Или ако осознаеме како можеме да ја суспендираме гравитација, па човек да лебди во просторот? Тогаш овие нешта не би ги сметале за ирационални и за чуда. Нели? Тогаш овие нешта би биле објаснети во нови природни закони кои до тогаш не би ни биле познати.

    Идеите во 18ти век дека метал може да плови по вода биле пречекани со исмејување. Знаеме дека металот не плови, туку тоне. Како ли се чуствувале скептиците кога виделе метален брод кој плови пред нив? Можете да предпоставите како биле примени идеите дека метал може да лета низ воздухот…. 

А замислете некој во 17ти век да предложел дека речиси 1000 луѓе би можеле да бидат пренесени од една страна на земјината топка до другата во летечки метал за половина ден! Кутар Галилејо завршил во доживотен карантин затоа што предложил теорија дека земјата е округла. Што ли би му се случило на човек кој би го предложил концептот за авион во 17ти век?

    Во ред, да се вратиме на Исус. Да ги земеме во предвид некои од нештата што Исус ги направил, како на пример претварањето на вода во вино. Знаеме дека процесот на транзиција/ферментација трае неколку недели. Тогаш заклучокот е, не е можно вода да се претвори во вино во толку краток рок! Или можеби е, само ние не знаеме како? Не толку одамна хемичарите открија дека можно е молекулите на водата да направат брза транзиција во алкохол но само под огромна температура и многу специфични услови. А таквата температура би ги стопила садовите во која би била сместена течноста и транзицијата би била невозможна. Ако Исус е оној кој тврди дека е, зарем не би знаел како да го стори тоа без да ги стопи садовите? 

    Да погледнеме еден друг настан од библијата кој би ни бил од полза во оваа размисла, кој исто така спаѓа во категоријата на чуда. А тоа е Маната во пустината. Библијата опишува како секое утро евреите наоѓале  брашнест матријал околу нивниот камп од кој правеле леб и колачи – бил наречен мана. „Од каде се појавувало ова  брашно?“ Ме праша еднаш еден познаник “From thin air? Вајда не верувате и во вакви глупости?“ Заврши со прашањата на кои не сакаше одговор.

    Неодамна една финска компанија започна инвестиција во машина која собира одреден протеин од воздухот и го претвара во прав. Концептот го има развиено НАСА. Ова брашно би имало 50% протеинска вредност. Овој изум има потенцијал да прехрани милиони луѓе. Што правиме сега? Може ли да се произведе брашно од thin air?

Наеднаш брашното во пустината не изгледа толку л(ч)удо, нели? Мислам дека насетувате каде се движи муабетов? Работата е што чудата не се косат со рационалноста.  Кога ќе се случи чудо не се кршат законите на природата, туку се откриваат нови, непознати и поголеми закони. Авионите на небото не се чуда. Туку комбинација на закони кои дејствуваат заедно. Закони кои кога биле непознати на човештвото, биле сметани за невозможни и луди. 

    Зошто тогаш чекорењето на Исус по вода би било проблем? Зарем тој што ја создал гравитацијата би имал проблем да ја суспендира на начин без да ги прекрши постоечките закони? Зошто респонсивноста на природните елементи на неговиот глас би била невозможна? Зарем Творецот на елементите не знае да ги уредува на различни начини? Зарем системот кој еден програмер го создава е затворен за него и не одговара на неговите команди? Зошто обнова на биолошкиот живот од не-функционалност во функционалност (воскресение) би бил проблем за него? 

Колку често е кажано во историјата „тоа не е можно!“  За подоцна да се уживаат бенефитите од истата таа „луда“ теорија?

Исусовото знаење за космосот, неговата природа, и дејствување од далеку ги надминува нашите. 

Тоа го осознал Апостол Павле кога напишал: „Во него се скриени богатствата на сета мудрост и знаење.“ 

Исус Христос, може да го викаме и доктор Исус Христос.  Нема област која не му е позната. Целосно. За жал, вака не размислуваат за него многу и од оние кои веруваат во него, но тоа е друга проблематика.

Толку малку знаеме за светот и универзумот. Опседнати сме да осознаеме како да извлечеме повеќе енергија од материјата и го промашуваме Оној кој од енергијата може да создаде материја. Без проблем. Мислиме дека знаеме премногу да би верувале а всушност нашите срца се закоравени. Лесно го отфрламе без никакво испитување она што е многу веројатно. Поставуваме прашања, чии одговори не сакаме да ги чуеме. Не е повеќе интелект она што ни недостига, туку меко срце и понизен и отворен ум. 

Ако воскресението не е вистинито, верата во Бог нема никаква важност. 

Ако воскресението е вистинито, верата во Бог е од најголема важност! 

Не мора да знаеме како се воскреснуваат луѓе од мртвите за да веруваме во оној кој има знаење, сила и власт да воскреснува мртви.

Кога би го запознале, неговиот карактер, ум и сила…. би увиделе колку е лудо да не веруваме во воскресението од мртвите.

Христос Воскресна!

Навистина Воскресна!

И ние да си дочекаме!

Кристијан Калинов

Пастор на евангелско протестантска црква – ГЛАСНОСТ

Активист од иницијативата „Ретвитни оброк“ 

Интерактивни групи за проучување на Библијата

Велигден е одличен момент да се приклучите во една од многуте групи за проучување на Библијата. Групите се состануваат еднаш неделно, во време кое најмногу им одговара на сите. Сите имаат можност да учествуваат во читање и коментирање на пасуси од Библијата. Проучувањето трае околу еден час. Целосно се бесплатни. Групите се составени од луѓе со слична возраст…