Важноста на чувствата за квалитетен живот
Мораме да ја разбереме силата на чувствувата
Сакале или не, ние секогаш одлучуваме да делуваме согласно нашите најсилни чувства. Нашата волја е немоќна, на лице место, кога има наплив на силни емоции, да делува спротивно на нив. Дури и нашата волја да е спротивна на нашите чувства, согледувајќи дека тоа кон што тие не водат не е добро за нас, сепак е немоќна да ни помогне во дадениот момент. Навистина разумот и волјата се моќни да ги променат чувствата, но не во моментот кога “искушението” е најголемо. Не можеме само со силата на волјата да избегаме од големото искушение туку-така.
Нашиот мисловен живот и волјата мораме да ги употребиме за да ги анализираме нашите чувства, да откриеме што се случува длабоко во нашата душа и да откриеме зошто (сами или со туѓа помош) ги имаме токму овие чувства со таков интензитет. Исто така, со моќта на волјата и на мислите ние можеме, на долг рок, да ги обучуваме нашите чувства и преку силата на Светиот Дух да ги направиме да бидат во склад со вистината, праведноста, Божјата волја и животот во Божјото Царство. После некое време на напорна обука/вежбање на нашите чувства можеме да имаме силни позитивни емоции кои ќе не водат, всушност, до правилните одлуки во секој даден момент. Ќе објасниме повеќе за ова подолу.

Мораме да ја разбереме важноста на чувствата во нашите животи
Чувствата можат да ни помогнат подобро да се разбереме самите себе и да бидеме поинтегрирани како индивидуи. Исто така, кога некоја личност ги искажува своите чувства пред нас тогаш тоа е отворена врата да се поврземе подлабоко со таа личност, на ниво на срце. Чувствата се искрени и тие не лажат туку кажуваат дека нешто се случува во срцето и поради тоа мораме да ги валидираме, било да се тоа нашите или туѓи чувства. Ќе објасниме за ова подолу.
Бог не создал да чувствуваме. Чувствата ги диктираат нашите одлуки. Глупаво е да ги игнорираме или да ја намалуваме нивната вредност. Самите на себе ќе си наштетиме, а и на тие околу нас – често пати на нашите најблиски. Или ќе ги игнорираме нивните чувства, или ќе пробаме да ги „поправиме“ набрзина. Вака постапуваме бидејќи ние се чувствуваме непријатно и не знаеме што да правиме. Поради тоа тие ќе бидат повредени од нас или ќе се чувствуваат неислушани и неразбрани. А може уште повеќе да се затворат во себе. Во овој случај ние ќе пропуштиме добра прилика да се поврземе со нив и да им помогнеме да се поврзат со Бог. Поради тоа што и Бог е личност, ние и со Него можеме да се поврзуваме преку чувствата. Ако не научиме да ги излеваме нашите чувства пред Него во молитва тогаш не се поврзуваме со нашиот Бог на ниво на нашите срца.
Како христијани особено сме ранливи на игнорирањето на чувствата. Како резултат ги трпиме сите последици од тоа игнорирање. Во една наша брошура, “Копнеж за 100% живот”, во која накратко е објаснето евангелието, има една илустрација со воз. Возот е претставен со локомотива и два вагони кои се прикачени за неа еден по друг. Локомотивата го илустрира Божјиот збор (вистината). Првиот вагон, којшто е директно закачен за неа е илустрација за верата. Вториот вагон е последен и ги илустрира чувствата. Поентата е јасна мислам. Вистината, Божјото слово, не се менува и затоа нашата вера треба да се заснова на тоа што е вистинито. Значи, чувствата треба да ги следат “локомотивата” и првиот “вагон”.
Се согласувам. Но, сакам да укажам на една честа грешка т.е. заклучок кој се прави. А тоа е дека чувствувата затоа што се последни во “колоната” не се ни толку важни. Уште еден погрешен заклучок или верување се надоврзува на ова. Тоа е дека тие ни пречат во нашиот однос и поврзување со Бог и со другите луѓе. Ни сметаат и во донесувањето на добри и разумни одлуки. Логично следи дека треба на некој начин да ги сузбиемe. Овде не зборуваме дека не треба во дадени моменти да ги исконтролираме или изменаџираме. Секако дека треба. Никој не сака да слуша гневни викотници околу себе.
Но, сузбивањето на непријатните чувствува е лоша стратегија во животот. Кога се трудиме да ги отапиме негативните чувствува за да ја избегнеме болката или непријатноста со тоа отапуваме и за позитивните. Да живееме живот којшто емоционално е “рамна линија” не е добар и квалитетен живот. Наместо да ги сузбиваме силните негативни чувства ние имаме можност да ги заменуваме со други позитивни чувства. Тоа е всушност процесот на обука или учеништво на нашите чувства (во училиштето на Исус) за кој спомнавме дека ќе објасниме подолу.
Значи, заради тоа што знаеме, или сме слушнале, дека многу луѓе донесуваат одлуки базирани на чувствата, а знаеме дека не треба така да биде, имаме аверзија спрема чувствата или спрема луѓето кои се чувствителни. Поради тоа донесуваме заклучок дека емоциите не се важни, тие се непријатни, не се корисни затоа што ги комплицираат работите, нѐ водат настрана од Бог, Божјото слово, вистината, итн. Но поради ваквите ставови остануваме многу осиромашени и всушност стануваме емоционално незрели. Иронијата е во тоа што стануваме водени од чувства без да бидеме свесни за тоа. Значи, сакајќи да ги избегнеме стануваме жртви на нашите незрели, неиспроцесирани, негативни чувства.
Зошто е важна валидацијата на чувствата?
Да ги валидираме нашите или туѓите чувства не значи дека се согласуваме дека тие ја кажуваат објективната вистина за нас, за другите, за Бог и за реалноста. Не! Тие се субјективни. Тоа значи дека ја кажуваат вистината за она што се случува во нас. Но, дури и на нас самите кои ги искусуваме, често пати, не ни е лесно да ги “протолкуваме” и да разбереме што навистина се случува во нас. Посебно ако сме имале навика да ги игнорираме т.е. ако сме емоционално незрели. Тогаш воопшто нема да знаеме што тие ни кажуваат дека се случува во нас самите.
На пример, често пати јас се разгневувам. Што значи тоа? Дека сум во право? Дека другиот е виновен? Ако размислам подлабоко за мојот гнев јас откривам дека тој гнев го покрива мојот страв, моето чувство на паника или моето длабоко чувство на беспомошност. Гневот е голема и силна емоција. Таа носи сила и енергија со себе. Таа дава чувство на праведност и на контрола. Дава илузија дека сега за кратко време ќе го реши проблемот – ќе биде изгорен, ќе исчезне. Гневот „ветува“ дека ќе не заштити поради тоа што е силен и сигурен. Но знаеме дека не е така. Тоа е лажна асертивност. После гневот останува пустош. Може уште повеќе да ги искомплицира работите и односите. Библијата нѐ учи дека човечкиот гнев не ја исполнува Божјата правда.
Но, ако сум научил да ги анализирам и да размислувам за моите чувства тогаш ќе се сетам дека под гневот се крие некоја состојба на паника. Тогаш можам да се запрашам од каде доаѓа овој страв во мене? Што е тоа што ме плаши? Колку е тоа реално? Можам тоа да го изнесам пред Бог во молитва. На кого од пријателите можам да споделам како се чувстувам? Кој би можел да ме охрабри? Какво охрабрување ми е потребно? На долг рок гледано, кои духовни практики (дисциплини) би можеле да ми помогнат да не се паничам туку да му верувам на Бог повеќе?

Што значи валидација на чувствата и како се прави?
Просто кажано валидација на чувствата значи да препознаеме и искажеме три работи. Прво, да кажеме за кое чувство се работи и да го именуваме тоа конкретно чувство. Второ, да го искажеме интензитетот на тоа чувство. И трето, да го посочиме изворот или од каде доаѓа тоа чувство (Види Rare Leadership од Wilder/Warner). На пример, доколку некој пријател ни објаснувал како се чувствува ние можеме да го кажеме следното за да го валидираме: Од тоа што го слушнав од тебе, гледам дека имаш голема (интензитет) разочараност (именување на чувството) поради тоа што не ти успеа проектот (изворот на тоа чувство) на кој толку многу се трудеше. Понатаму, можеме да ја гледаме ситуацијата како отворена врата за поврзување и да прашаме, кажи ми повеќе за ова, гледам дека ти е важно. Штом личноста има силни чувства за некоја работа тогаш значи дека и е важна.
Ова може да звучи многу едноставно и лесно, но да размислиме што обично се случува кога некој ни споделува како се чувствува. Имаме неколку „стратегии“ кои често ги користиме без да размислуваме (бидејќи така сме научени). Но, користејќи ги овие „стратегии“ ја пропуштаме приликата за да се поврземе со другата личност. Еве некои ситуации во кои може да се препознаеме. Пак да го земеме во предвид погорниот пример каде нашиот пријател ја споделил неговата разочарност заради неуспех во проектот. Ние велиме: „Еј и на мене ми се случи слична работа лани…“ (и продолжуваме да збориме за тоа што ни се случило на нас). Или може вака да кажеме: „Да, ама можело уште пострашно да биде. Пак лесно си поминал штом не те избркале од работа, можело и тоа да се случи“. Или: „Ај не се секирај, да си жив и здрав, не си го тупи мозокот со тоа, дај да се напиеме нешто“. Христијанската верзија на ова е да му кажеме да не се секира и да му споделиме (за да го охрабриме со) некој библиски стих како, на пример, дека „сите работи содејствуваат за добро на оние кои Го љубат Бога“… Еве уште еден начин на кој одговараме: „Да ти кажам, најдобро е ти да си земеш полесен проект и ем побрзо ем полесно ќе си поминеш“.
Овие стратегии кои често ги користиме гледаме дека се сведуваат на игнорирање на чувствата на другиот или на пробување да го развеселиме човекот кој што е тажен или пак да понудиме брзо решение за проблемот. Во ред е да понудиме решение ама прашањето е дали тоа личноста го бара или очекува. Не знаеме. Подобро да прашаме пред да нудиме решенија, ама најдобро е прво да ја искористиме приликата за да се поврземе со личноста преку валидирање на нејзините чувства.
Ако постанеме добри во валидирањето може многу да го подобри квалитетот на нашите врски. Ова може да подобри многу бракови и многу пријателски врски. Дефинитивно е потребно многу труд и вежбање. Но, да знаеме дека и доколку не сме успеале да валидираме можеме да го воочиме тоа и да се поправиме (во истиот тој муабет или во некој нареден). Има надеж.
Мислам дека е најтешко да направиме валидација на чувствата на соговорникот кога се чувствуваме нападнати. Тоа е затоа што природно ни доаѓа да одиме во дефанизивност. Ова е поради нашата несигурност, се чувствуваме нападнати и природно нешто е да се браниме. Дури, се правдаме, дека не сме имале ни друга опција. Нашата дефанзивност ја гледаме како неопходност. Вистината е дека (скоро) секогаш имаме избор. За да не одиме во дефанизивност, да останеме смирени и дури да направиме валидација на соговорникот бара поголема карактерна (емоционална, духовна, социјална) зрелост. За да се објасни ова преку примери ќе треба многу повеќе време па затоа нема да го направиме сега. Но, да знаете дека може многу да напреднеме во сите овие работи. Дури и да не достигнеме совршенство можеме многу да се подобриме. Во иднина сметам дека би можеле да направиме некои практични работилници и заеднички да ги вежбаме овие работи. Духовните дисциплини (индивидуални и заеднички) може многу да помогнат.
Искрена и добронамерна љубопитност
Овде ја нагласуваме важноста на тоа да бидеме љубопитни за нашите и туѓите чувства. Тие навистина ќе не водат во едно подлабоко запознавање на себеси и на другите. А тоа ќе резултира со подлабоки и позначајни врски. Пак ќе потсетам за да не заборавиме дека и Бог е личност! Да бидеме љубопитни за подобро да се запознаваме и да се поврзуваме (а не за рекла-казала муабети).
Доколку не направиме валидација на чувствата на личноста тогаш што ѝ комуницираме? Дека тоа што се случува во нејзиното срце не (ни) е толку важно. Комуницираме дека не сакаме или не можеме да се поврземе со неа. Се разбира дека ова го пренесуваме невербално, но сепак, за жал, тие се нашите пораки кон другата личност.
Учеништво на нашите чувства кон христоликост
Со помош на Светиот Дух, Божјото слово, нашата волја и нашите мисли ние можеме да ги оформуваме, обучуваме, изградуваме нашите чувства. Ова е важно заради тоа што знаеме дека секогаш донесуваме одлука според нашите најсилни чувства во даден момент. Значи, ние треба да развиеме силни позитивни чувства кои се поврзани со Бог, Неговото Царство, Неговата праведност, вистина, љубов, радост, мир, одмор, итн. На овој начин ќе знаеме дека и нашите одлуки кои ќе ги правиме под влијание на ваквите чувства ќе бидат во склад со добриот, квалитетен, живот во Божјото Царство.
Мало објаснување за позитивни и негативни чувства. Во овој контекст, кога кажувам негативни чувства, сакам да спомнам дека овде ги вклучувам и оние чувства на краткотрајни задоволства што може некој да ги нарече и позитивни. Види го примерот за зависноста од порнографија подолу. А кога кажувам позитивни чувства не мислам на чувства поврзани неопходно со среќа и веселба. Забележи го контекстот од подолу. Всушност чувствата на безбожен хедонизам не ги сметам за позитивни туку за негативни, иако тие претставуваат некакво моментално уживање, сепак тие не се во склад со добриот, квалитетен живот.
На пример, да претпоставиме дека некој е зависен од порнографија. Лесно можеме да заклучиме дека тој всушност е зависен од тие чувства на “задоволство” кои се присутни. Тој “добива” нешто од тоа време кога гледа порнографија. Човекот е зависен од порнографија токму преку овие чувства на задоволство кои ги добива. Но, знаеме дека тие се многу лошо влијание за нас и за нашиот однос со нашите најблиски. Особено на долг рок. Тие нѐ отуѓуваат од блиските и од квалитетниот и добар живот. Тие нѐ водат кон извртување на реалноста. Нѐ водат длабоко во грев. Слично функционираат и другите зависности. Ние не сакаме да бидеме зависни. Сакаме да се ослободиме. Значи, мораме да изнајдеме некој процес преку кој овие негативни, лоши и деструктивни чувства ќе ги замениме со други силни, добри и позитивни чувства кои ќе не водат кон добри одлуки и здрави врски.
Всушност, овој процес на замена би ги вклучувал следните четири работи. Прво, да ги препознаеме оние силни негативни чувства кои нѐ водат во грев. Тоа препознавање значи да ги именуваме. Второ, јасно да кажеме, исповедаме (пред Бог во молитва, може и пред близок пријател или ментор) дека таквите чувства не ги сакаме, дека ги мразиме и дека се откажуваме од нив. Трето, треба да знаеме со што би ги замениле, како би изгледала таа замена. Мораме да станеме свесни за новите силни позитивни, добри чувства кои сакаме да ги видиме во нас – да ги развиеме кај нас со Божја помош.
Потребно е да видиме некоја посакувана слика која ќе ни биде визија, водилка, за како може да изгледа тој живот со вакви (конкретни) позитивни чувства. За да имаме ваква визија ќе ни послужи Библијата, а може и некои добри примери што ги гледаме кај некои луѓе, а кои би можеле да ги следиме (тие би биле многу ретки примери, за жал). На пример, види ги Пс. 63:1,3; Пс. 16:11; Пс. 37:4-5; Фил. 4:4.
Од овие библиски стихови се гледа дека нашето уживање, копнеж, барање, задоволство, радост, љубов, итн. се кон или во Бог! Ако ние сме привлечени кон Бог со таква љубов, страст, задоволство и уживање во или поради Неговата убавина, љубов, добрина, светост итн., тогаш и нашите одлуки ќе бидат под влијание на овие чувства. Ова се тие добри позитивни чувства кои ќе нѐ водат во добри одлуки, здрави врски и квалитетен живот.
Последно, четврто, треба да имаме некои “алатки”, практики (навики) кои ќе бидат средства за Божјата благодат да протече од Божјото срце во нашето, за преку силата на Светиот Дух во нас да се создадат (разгорат) тие силни добри чувства кои се во склад со добриот живот во Божјото Царство.
Пример за ваква практика како помошно средство во овој процес би било следното. Да меморираме некои од погорните стихови од Библијата и да пробаме да ги држиме во нашите умови во текот на денот и да размислуваме за тие вистини кои ги искажуваат. Исто, да ги преточуваме во молитва кон Бог. На крај, правејќи го тоа да се смириме пред Бог и да дозволиме Светиот Дух да ја развива радоста која доаѓа од познавањето на Христос, живиот и воскреснатиот Господ. Како што од ден на ден оваа радост расте во нас така уште повеќе ќе копнееме по Бог и ќе уживаме во Него со големо задоволство. На овој начин нема да имаме потреба од лажните и похотни задоволства кои претходно ни го контролирале и загрозувале животот.
Ова беше само едноставен пример. Има уште многу вакви слични “алатки”, практики кои ни стојат на располагање. Секако дека за ова е потребно време, напор, искуство… Но, пред сѐ сила и благодат од Бог преку делувањето на Светиот Дух. Ние исто така ви стоиме на располагање да помогнеме и охрабриме за живеење на добриот живот. Исус ни ветува “живот во полнота”. Тој е верен на Своите ветувања и ќе ни го даде овој живот. Да не се сомневаме.
Значи, клучот е да растеме во благодатта и во познавањето на Исус Христос и како што го правиме тоа да навлегуваме во уште поголемо славење и обожавање на Него. На овој начин стануваме соучесници со Светиот Дух во Неговото дело на трансформација на нашите срца – ќе стануваме послични на Христос во нашите карактери, а вклучително и во нашите чувства.

Гоце Пецов,
Национален водач на Cru Македонија