15„Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди. 16Јас ќе Го помолам Отецот, и Тој ќе ви даде друг Утешител за да биде со вас довека, 17Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде. 18Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас. 19Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете. 20Во оној ден вие ќе разберете дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас. 21Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам.“ 22Му рече Јуда, не Искариотски: „Господи, зошто сакаш нам да ни се јавиш, а не на светот?“ 23Исус одговори и му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме. 24Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме испрати. 25Ова ви го реков, бидејќи сум со вас. 26А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал. 27Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува. 28Чувте дека Јас ви реков: ‚Заминувам од вас и пак ќе дојдам кај вас.‘ Но ако Ме љубевте Мене, ќе се зарадувавте што реков: одам кај Отецот, зашто Мојот Отец е поголем од Мене. 29И сега ви кажав, уште пред да се случи, та кога ќе се случи, да поверувате. 30Нема веќе многу да зборувам со вас, зашто иде кнезот на овој свет и во Мене тој нема ништо. 31Но за да разбере светот дека Го љубам Отецот и, како што Ми заповеда Отецот, така правам. Станете да си одиме одовде!“
Notifications