1Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог. 2Тоа во почетокот беше во Бога. 3Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана. 4Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето. 5Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати. 6Имаше еден човек по име Јован, испратен од Бога; 7тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. 8Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината. 9Беше Вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓа во светов. 10Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна. 11Дојде кај Своите, но Своите не Го примија. 12А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји; 13кои не се родија од крв, ниту по желба на телото, ниту од похот машка, туку од Бога. 14И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот. 15Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Ова е Тој за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, Тој е пред мене, бидејќи постоеше порано од мене!“ 16И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат; 17зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината станаа преку Исуса Христа. 18Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во пазувите на Отецот – Тој Го објави.
Аудио верзија на текстот, овозможена од Библиско здружение на Р.М.