22А беше тогаш во Ерусалим празникот Обновување на храмот и беше зима. 23Одеше Исус во храмот, по тремот Соломонов. 24А Јудејците Го опколија и Му рекоа: „До кога ќе ги мачиш нашите души? Ако си Ти Христос, кажи ни отворено!“ 25Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што ги вршам Јас во името на Мојот Отец, тие сведочат за Мене. 26Но вие не верувате, бидејќи не сте од Моите овци, како што ви реков. 27Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене, 28и Јас им давам вечен живот; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги истргне од раката Моја. 29Мојот Отец, што Ми ги даде, е поголем од сите; и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Отец. 30Јас и Отецот сме едно.“ 31А Јудејците, пак, зедоа камења да Го каменуваат. 32Исус им одговори: „Многу добри дела ви јавив од Мојот Отец; за кое од тие дела фрлате камења на Мене?“ 33Му одговорија Јудејците, велејќи: „За добро дело камења не фрламе на Тебе, туку за хулење, зашто Ти, иако си човек, се правиш Бог.“ 34Исус им одговори: „Не е ли напишано во вашиот Закон: ‚Јас реков: богови сте?‘ 35Ако Тој ги нарече богови оние кон кои беше упатено словото Божјо, а писмото не може да се урне, 36а на Оној ли, Кого Го освети Отецот и Го прати во светот, вие велите: ‚Хулиш на Бога?‘ дека реков: ‚Јас сум Син Божји?‘ 37Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми; 38а ако, пак, ги вршам, макар што Мене не Ми верувате, на делата Мои поверувајте, за да разберете и поверувате дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него.“ 39Сакаа пак да Го фатат, но Тој им се истргна од рацете нивни, 40и пак отиде отаде Јордан, на она место каде што Јован крштеваше, и остана таму. 41Мнозина дојдоа кај Него и говореа: „Јован не направи ниедно чудо, но сѐ што рече Јован за Него, беше вистина.“ 42И мнозина таму поверуваа во Него.