13Се приближуваше Пасха јудејска и Исус се искачи во Ерусалим; 14и ги затече во храмот оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари – како седат. 15И откако направи камшик од врвци, ги избрка од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврте масите, 16па им рече на оние што продаваа гулаби: „Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за трговија!“ 17Учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде.“ 18А Јудејците, пак, одговорија и Му рекоа: „Со каков знак ќе ни докажеш дека го правиш тоа?“ 19Исус им одговори и рече: „Урнете го овој храм и за три дни ќе го подигнам.“ 20А Јудејците рекоа: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?“ 21Но Тој говореше за храмот на Своето тело. 22А кога воскресна од мртвите, се сетија учениците Негови дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на зборот, што го беше рекол Исус.
Прашање за размислување: Како би изреагирал Исус доколку го посети твојот духовен живот?