1А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот за да премине од овој свет кај Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака. 2И на вечерата, кога ѓаволот беше вметнал во срцето на Јуда Симонов Искариотски за да Го предаде, 3Исус, знаејќи дека Отецот сѐ Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека кај Бога се враќа, 4стана од вечерата, ја соблече својата горна облека, зеде крпа и се препаша; 5потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше препашан. 6Дојде и кај Симон Петар, а тој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?“ 7Исус одговори и му рече: „Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.“ 8Петар Му рече: „Никогаш Ти нема да ми ги миеш нозете!“ Исус му одговори: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене!“ 9Симон Петар Му рече: „Господи, тогаш не само нозете мои, туку и рацете и главата!“ 10Исус му одговори: „На измиениот треба само нозете да му се измијат, зашто целиот е чист, а вие сте чисти, но не сите.“ 11Бидејќи знаеше кој ќе го предаде, па затоа и рече: „Не сте сите чисти.“ 12А кога им ги изми нозете, ја облече облеката своја и седна пак на трпезата, па им рече: „Знаете ли што ви направив? 13Вие Ме нарекувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи сум. 14Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да си ги миете нозете. 15Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас. 16Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го пратил. 17Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате. 18Не го кажувам ова за сите вас, зашто Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото: ‚Кој јаде леб со Мене, ја подигна петата своја против Мене.‘ 19Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате дека сум Јас. 20Вистина, вистина ви велам: кој го прими оној што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме прати.“