1„Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од друга страна, крадец е и разбојник; 2а кој влегува низ вратата, пастир е на овците; 3нему вратарот му отвора и овците го слушаат гласот негов, тој ги вика своите овци по име и ги изведува. 4И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, овците одат по него, бидејќи го познаваат гласот негов; 5а по туѓ човек не одат, туку ќе побегнат од него, зашто гласот на туѓиот не го познаваат.“ 6Оваа парабола им ја кажа Исус, но тие не разбраа што беше тоа што им говореше. 7Тогаш Исус пак им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата на овците. 8Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа. 9Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде. 10Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие. 11Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си го полага животот свој за овците; 12а наемникот, кој не е пастир и не е сопственик на овците, ако види дека доаѓа волк, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. 13Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците. 14Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене. 15Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и животот Свој го полагам за овците Свои. 16И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир. 17Затоа Ме љуби Отецот, зашто Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак. 18Никој не Ми го одзема, туку Јас Сам од Себе го давам. Имам власт да го дадам и власт имам пак да си го земам. Оваа заповед ја примив од Својот Отец.“ 19И пак настана расправија меѓу Јудејците заради овие зборови. 20Мнозина од нив велеа: „Демон има и не е при Себе. Зошто Го слушате?“ 21Други велеа: „Ова не се зборови на бесомачен; може ли демон на слеп да му отвори очи?“
Notifications