15А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?1“ Петар Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам!“ Исус му рече: „Паси ги јагненцата Мои!“ 16Го праша пак, повторно: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ Петар Му кажа: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам!“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои!“ 17И по третпат му рече: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?“ Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?“ И Му рече: „Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои! 18Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се препашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те препаша и поведе на каде што нејќеш.“ 19А ова го рече за да покаже со каква смрт ќе го прослави Бог. И штом го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!“
1 Во оригиналниот текст, овде Исус го користи коине-грчкиот збор „агапе“ за љубов, додека Петар му одговара со почесто употребуваниот збор „филео“ за љубов. Зборот „агапе“ е посилен збор од „филео“ и означува безусловна божествена љубов.