25А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од учениците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“ 26Еден од слугите на првосвештеникот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“ 27А Петар пак порекна; и веднаш запеа петел.
Исус пред Пилат
28И Го поведоа Исуса од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата. 29Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: „Какво обвинение изнесувате против Овој Човек?“ 30Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“ 31А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“, 32за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре. 33Тогаш Пилат повторно влезе во преторијата, па Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“ 34Исус му одговори: „Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?“ 35Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?“ 36Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би се бореле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.“ 37А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.“