31Тогаш Исус им говореше на оние Јудејци, што беа поверувале во Него: „Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; 32и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“ 33Му одговорија и рекоа: „Ние сме семе Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: ‚Ќе бидете слободни?‘“ 34Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот. 35А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно. 36И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни. 37Знам дека сте семе Авраамово, но сакате да Ме убиете, зашто словото Мое не може да се смести во вас. 38Јас го кажувам она што сум го видел кај Мојот Отец; а и вие го правите она што сте го виделе кај вашиот татко.“ 39Му одговорија и рекоа: „Наш татко е Авраам.“ Исус им рече: „Ако бевте чеда Авраамови, вие ќе ги вршевте делата Авраамови. 40А сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот Кој ви ја кажа вистината што ја чу од Бога. Авраам така не правеше. 41Вие ги вршите делата на својот татко.“ А тие Му рекоа: „Ние не сме родени од блудство; еден Отец имаме – Бог.“ 42Но Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Отец, тогаш ќе Ме сакавте Мене, бидејќи Јас сум излегол и доаѓам од Бога. Зашто не дојдов Сам од Себе, туку Тој Ме прати. 43Зошто не ги разбирате Моите зборови? Затоа што не можете да ги слушате поуките Мои. 44Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата. 45А бидејќи Јас вистината ви ја кажувам, не Ми верувате. 46Кој од Вас може да Ме обвини за грев? Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не Ми верувате? 47Кој е од Бога, тој ги слуша Божјите зборови. А вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.“ 48Тогаш Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли право дека си Ти Самарјанин и дека демон има во Тебе?“ 49Исус им одговори: „Во Мене нема зол дух, туку Го почитувам Својот Отец, а вие Ме бесчестите. 50Но Јас не барам Своја слава; има Друг што ја бара, и што ќе суди. 51Вистина, вистина ви велам; кој ќе ги запази зборовите Мои, нема да види смрт довека.“ 52Тогаш Јудејците Му рекоа: „Сега разбравме дека демон има во Тебе: Авраам умре, и пророците, а ти велиш, кој ќе ги запази зборовите Мои, смрт нема да види довека. 53Да не си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој умре? И пророците умреа; а за кого се сметаш Себе си?“ 54Исус одговори: „Ако се славам Сам, тогаш славата Моја е ништо; Оној Кој ме прославува е Мојот Отец, за Кого вие велите дека е ваш Бог; 55но не Го познавате, а Јас, пак, го знам. И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажго како вие. Но Јас Го знам и го пазам словото Негово. 56Авраам, таткото ваш, се радуваше да го види Мојот ден; и го виде, и се зарадува.“ 57Тогаш Јудејците Му рекоа: „Уште немаш ни педесет години – а си го видел Авраам!?“ 58Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас постојам уште пред да се роди Авраам.“ 59Тогаш зедоа камења за да ги фрлат на Него; Исус се сокри и излезе од храмот, поминувајќи меѓу нив; и така замина.