1Потоа беше еден празник јудејски, и се искачи Исус во Ерусалим. 2А во Ерусалим, кај Овчата порта, има бања, по еврејски наречена Витезда, со пет тремови. 3Во нив лежеа мнозина болни, слепи, куци, исушени, кои очекуваа да се раздвижи водата, 4зашто одвреме навреме во бањата слегуваше ангел Господов и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по придвижувањето на водата, оздравуваше од каква било болест да боледуваше. 5Имаше таму и еден човек кој боледуваше триесет и осум години. 6Кога Исус го виде како лежи, знаејќи дека многу години боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?“ 7Болниот Му одговори: „Господи! Немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се раздвижи водата; додека јас да дојдам, друг слегува пред мене.“ 8Исус му рече: „Стани, земи ја постелката своја и оди си!“ 9И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше. А тој ден беше сабота. 10Заради тоа Јудејците Му рекоа на исцелениот: „Сабота е и не треба да ја носиш својата постелка!“ 11Но тој им одговори: „Оној што ме излекува, ми рече: ‚Земи ја постелката своја и оди!‘“ 12А тие го прашаа: „Кој е тој човек што ти рече: ‚Земи ја постелката своја и оди?‘“ 13Но исцелениот не знаеше кој е, зашто Исус се беше оддалечил бидејќи на тоа место имаше многу народ. 14Подоцна Исус го сретна во храмот и му рече: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“ 15А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус е Оној што го излекувал. 16И затоа Јудејците Го гонеа Исуса и сакаа да го убијат, зашто тоа го вршеше во сабота. 17А Исус им одговараше: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам.“ 18Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, бидејќи не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога.