1Потоа Исус отиде на другата страна од Галилејското, Тиверијадското Море. 2И по него одеше многу народ, зашто ги гледаа чудата Негови што ги вршеше над болните. 3А Исус отиде во гората и таму седеше со учениците Свои. 4И наближуваше јудејскиот празник Пасха. 5Исус, пак, откако ги подигна очите, виде дека кон Него иде многу народ му рече на Филип: „Од каде да купиме леб за да јадат овие?“ 6А тоа го рече за да го искуша, зашто Сам знаеше што ќе направи. 7Филип Му одговори: „Не ќе им биде доволно леб за двесте денарии, па да добие секој од нив по малку!“ 8Еден од учениците Негови, Андреј, братот на Симон Петар, Му рече: 9„Овде има едно момче кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку души?“ 10Исус рече: „Кажете им на луѓето да поседнат!“ А на тоа место имаше многу трева. Тогаш поседнаа луѓето, на број околу пет илјади. 11Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги подаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, кој колку сакаше. 12А кога се наситија, им рече на учениците Свои: „Соберете ги останатите парчиња за да не се загуби ништо!“ 13И од петте јачменови лебови собраа и наполнија дванаесет кошници парчиња, што им преостанаа на оние што јадеа. 14Луѓето, кога го видоа чудото што го направи Исус, рекоа: „Овој е навистина Пророкот Кој требаше да дојде на светот!“ 15Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да го прогласат за цар, повторно се повлече Сам во гората.
За размислување: Исус заблагодари пред да ја подели храната. Дали ние имаме навика да му благодариме на Бог за храната што ни ја обезбедува?