1Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го предаде да го бијат. 2Војниците сплетоа венец од трње, Му го ставија на главата и Му облекоа багреница, 3и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ – и Го удираа по образите. 4Пилат пак излезе надвор и им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.“ 5Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец, и багреница. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!“ 6А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: „Распни Го, распни!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам во Него вина.“ 7Јудејците му одговорија: „Ние имаме Закон и според нашиот Закон Тој треба да умре, зашто Сам се направи Син Божји.“ 8Кога го чу Пилат овој збор, уште повеќе се исплаши. 9И пак влезе во преторијата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му даде одговор. 10Пилат Му рече: „Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам!?“ 11Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној што Ме предаде на тебе.“ 12Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на царот. Секој што се прави цар, противник му е на царот.“ 13Штом го чу овој збор, Пилат Го изведе Исус надвор и седна на судскиот стол, на местото наречено Литостротон, а по еврејски Гавата. 14Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час1. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“ 15Но тие викаа: „Земи, земи, распни Го!“ Пилат им рече: „Царот ваш ли да Го распнам?“ Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен цезарот.“ 16И тогаш им Го предаде за да биде распнат. И Го зедоа Исус, и Го поведоа.
1 19,14. Околу 12 часот.