28По ова, знаејќи Исус дека сѐ е свршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.“ 29Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие натопија сунѓер во оцетот, го закачија на трска и Му принесоа до устата Негова. 30А кога вкуси Исус оцет, рече: „Се сврши!“ И кога ја наведна главата, го предаде духот.
Крв и вода
31Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, зашто во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилат да им ги прекршат колената и да ги симнат. 32Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него. 33А кога дојдоа до Исус и го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекршија колената; 34но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода. 35И тој што виде – посведочи, и сведоштвото му е вистинско; и знае дека ја кажува вистината, за да поверувате вие. 36Бидејќи ова стана за да се исполни Писмото: „Коска Негова нема да се прекрши.“ 37И друго Писмо пак вели: „Ќе погледнат на Оној Кого Го прободоа.“