1Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече: „Оче, дојде часот; прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој, 2како што си Му дал власт над секое тело, та на сѐ што си му дал, да му даде вечен живот. 3А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос. 4Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си ми го дал да го извршам. 5И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе уште светот пред да настане. 6Го објавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово. 7Сега разбраа дека сѐ што си Ми дал, е од Тебе; 8зашто зборовите што си Ми ги дал им ги предадов и тие ги примија и разбраа навистина дека од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил. 9Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои. 10И сѐ Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив. 11Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам кај Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние. 12Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото. 13А сега се враќам кај Тебе, и ова му го кажувам на светот за да ја имаат во себе Мојата полна радост. 14Јас им го предадов Твоето слово, и светот ги замрази, зашто тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот. 15Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото. 16Тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот. 17Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина. 18Како Ти Мене што Ме прати во светот, и Јас ги пратив во светот. 19И за нив јас се посветувам, та и тие да бидат осветени преку вистината. 20Но не се молам само за нив, туку и за оние што преку нивните зборови ќе поверуваат во Мене, 21за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил. 22И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние едно. 23Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во сѐ едно, и да дознае светот дека Ти си Ме испратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби. 24Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, зашто ме возљуби уште пред да се создаде светот. 25Оче Праведен, светот не Те позна, Јас Те познав; и овие познаа дека Ти си Ме испратил; 26и им го објавив името Твое, и ќе го известувам, та љубовта, со која Ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив.“