37А во последниот голем ден од празникот застана Исус и извика со силен глас, велејќи: „Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие! 38Кој верува во Мене, како што е речено во Писмото, од неговата утроба, ќе потечат реки од жива вода.“ 39А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние кои веруваат во Него; зашто Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен. 40А мнозина од народот, кога ги чуја овие зборови, рекоа: „Навистина Овој е пророк!“ 41Други велеа: „Овој е Христос.“ А некои рекоа: „Зар од Галилеја ќе дојде Христос? 42Не е ли речено во Писмото дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од гратчето Витлеем, од каде што беше Давид?“ 43И така настана меѓу народот раздор за Него. 44А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. 45Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?“ 46А слугите одговорија: „Никогаш човек не говорел така како Овој Човек.“ 47Тогаш им одговорија фарисеите: „Да не се прелагавте и вие? 48Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? 49Но, овој народ, што не го знае Законот, е проклет.“ 50Никодим, пак, кој беше отишол кај Него ноќе, а беше еден од нив, им рече: 51„Осудува ли нашиот Закон човек додека најнапред не го сослушаат и не дознаат што прави?“ 52А тие му одговорија и рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и ќе видиш дека пророк од Галилеја не се јавува!“ 53И секој си отиде во својот дом.