
Овој свет сака да види рани

Тома не беше неверен, во смислата на зборот која мнозина денес ја поимаат, туку Тома сакаше да се стекне со свое искуство со Христос, да има личен опит, не да ги гради својата вера и спасение на сведоштво од втора рака. И кон тоа треба да тежнееме и ние, да копнееме она што сме го слушнале и научиле за Христа од другите да го (до)живееме и ние, тоа да ни стане жива стварност, не само меморизирана сторија. Инаку, нашата вера нема да трае долго.
Е, сега, интересно е зошто Тома не вели дека за да верува сака да го види Воскреснатиот во слава, во светлина, на облаците, како минува низ ѕидови, како одново оди по вода, како исцелува, или нешто слично. Напротив, Тома само сака да ги види и допре раните Христови.
Знаете, неверниот Тома и неверниот свет денес сакаат да го видат истото, Спасител Кој е воскреснат и ја победил смртта, но Спасител Кој сѐ уште на Себе ги носи раните од Неговото страдање за нас, Спасител Кој иако е над сите светови денес може да сочуствува со нас, да биде допрен, да биде спознаен лично и непосредно. Како христијани често пати сме виновни што на овој свет му даваме таква светната и изгланцана слика за Христос, што обичниот страдалник не може да се поистовети со тој Спасител, па не се осмелува да го повика, се чини премногу чист и исштиркан да би се одзвал на повиците на некој безначаен, неверен и нечист грешник…

Гледате, Христос не побегна од средбата со Тома, Тој дојде. Веројатно најохрабрителната порака денес е дека Тој доаѓа, дури и за неверните како мене. Но, не заврши тоа тука. Откако Тома се стекна со тоа лично искуство со Воскреснатиот, и воскликна „Господ мој и Бог мој!“, истиот тој „неверен“ Тома отиде да го проповеда Евангелието подалеку од сите апостоли, дури до Индија, каде што засведочи за воскресението полагајќи го својот живот за Христа. Ете, нека Господ ни даде да Го допреме, та нека Томината невера во нас биде преобразена во Томината вера и ревност!
Христос воскресна!
Текстот е превземен од Фејсбук статус на пастор Филип Иванов

Филип Иванов
Пастор на Еванглеската Црква – Велес
Хуманитарец и вљубеник во природата.
Добитник на наградата најуспешен граѓанин-филантроп за 2020 г. во општина Велес, за поттикнување на волонтеризам, добродетелство и хуманизам.
Интерактивни групи за проучување на Библијата
Велигден е одличен момент да се приклучите во една од многуте групи за проучување на Библијата. Групите се состануваат еднаш неделно, во време кое најмногу им одговара на сите. Сите имаат можност да учествуваат во читање и коментирање на пасуси од Библијата. Проучувањето трае околу еден час. Целосно се бесплатни. Групите се составени од луѓе со слична возраст…
