Добредојде во Новата Година!
Можеби изминатата година за тебе беше година на успеси, радост, весели и среќни моменти. Но можеби и беше година на тага, разочарување, разделби…
Сепак пред тебе е една Нова Година – нов почеток којшто може да биде шанса за нови промени. Во овој период, многумина си поставуваат одредени цели, таканаречени „новогодишни резолуции“, коишто сакаат да ги постигнат во текот на годината.
Историјата на новогодишните резолуции датира уште од античките цивилизации. На пример, се претпоставува дека античките вавилонци им давале ветувања на своите богови на почетокот на секоја година дека ќе ги платат нивните долгови. Римјаните, како и раните Христијани, ја користеле новата година како можност да размислат за нивните грешки и решително да продолжат напред, не повторувајќи ги.
Денес може да биде денот кога ти ќе направиш одлука какви промени сакаш да постигнеш во годината пред тебе. Можеби сакаш да почнеш да штедиш? Можеби сакаш да работиш на твоето трпение? Можеби долго време се прашуваш за твојата вера и духовност исто како раните христијани? Следниве прашања може да ти помогнат да направиш план и да ги донесеш твоите новогодишни резолуции.
Запрашај се себеси:
Кои се работите со кој си најмногу незадоволен во твојот живот? Дали има некои промени што можеш да ги направиш за да ја подобриш твојата целокупна состојба?
Кои се твоите вредности и приоритети? Дали има некои активности кои можеш да ги преземеш, а се усогласени со твоите вредности и приоритети?
Кои се твоите силни и слаби страни? Дали можеш да поставиш цели кои се надоврзуваат на твоите силни страни и да работиш на твоите слаби страни?
Дали целите се реални? Дали се навистина остварливи со оглед на твоите моментални околности?
Во ред е да имаш повеќе резолуции и да ги прилагодуваш онолку колку што е потребно додека работиш на нивното постигнување. Кога ќе ја напишеш твојата листа со новогодишни резолуции, доколку тие се големи, дали би можел да ги поделиш во помали чекори преку кои би го следел својот напредок?
Еве еден краток систем за себе евалуација:
На почетокот на секој ден, запрашај се: „На што треба да посветам внимание?“
Во текот на денот: „Која е најдобрата мала работа која можам да ја завршам во моментов, сега?“
На крајот од денот: „Дали дадов се од себе? Што можам да направам поразлично?“
Запомни, оваа година фокусирај се на навиките кои претходат на резултатите, а резултатите ќе дојдат со време.
Новата година посакувам да ви биде среќна и благословена.
Користиме колачиња (cookies) со цел непречено функционирање, статистики и подобрување на Вашето корисничко искуство. Детални информации за начинот на кој може да ги смените Вашите преференци за колачињата може да најдете на Политика за приватност и Политика за колачиња.Ok