Има нешто освежувачко во помислата дека започнува уште една нова година. Сега е моментот да размислуваме за годината што помина и да одлучиме какви промени сакаме да направиме во новата што започна. Многумина од нас почнуваат да донесуваат одлуки за промени во различни области и додека некому му е поважно да смисли начин како повеќе да патува оваа година, друг можеби размислува како побрзо да заштеди. На што и да се однесува желбата за промена, заедничка за сите нас е надежта дека нешто ќе се промени, а животот ќе биде поинаков и подобар.
Многу е важно мотивацијата што ја имаме сега да продолжи во текот на годината, а не да испари после неколку дена или недели. Фрустрирачки е кога правиме планови, па се откажуваме од нив. Затоа, да се потсетиме дека за да дојдеме до значајни промени, не секогаш значи дека тие треба да бидат некои големи чекори. Доколку ги негуваме малите и едноставни промени, можеме да создадеме нови навики кои ќе ни носат посебна радост.
Зајакни ги врските со твоите пријатели и семејството
Заблагодарувањето е толку мал гест, но да се запрашаме: го правиме ли тоа доволно? Многу е лесно да ги земеме најблиските здраво за готово и да почнеме да не го вреднуваме доволно нивното присуство во нашите животи.
Комуницирај повеќе затоа што комуникацијата е златното правило на силните врски. Дали знаеш дека 80% од проблемите во врските се предизвикани од недоразбирања кои би можеле да се решат доколку одлучиме да разговараме со другата личност? Затоа, оваа година зборувај! Зборувај со твоите пријатели, со семејството, со колегите.. комуницирај го она што го размислуваш и чувствуваш, но и слушај што има да каже другата страна.
Празничниот период е можност да се промениме и подобриме, да ги оставиме грешките од минатото зад нас и да погледнеме напред. Вети си дека оваа година ќе поминуваш повеќе време со семејството и пријателите и размисли за забавни начини како можеш да го направиш тоа.
Твоите секојдневни навики
Размисли за твоето секојдневие. Како изгледа еден твој ден? Колку време поминуваш пред екран? Колку често знаеш да заглавиш на некоја од социјалните мрежи? Сега, размисли како изгледа храната што ја консумираш во текот на еден ден. Дали е тоа храна што му е потребна на твоето тело за да функционира на здрав начин? На кој начин и во кој дел од денот можеш да вметнеш повеќе физичка активност? Ова се прашања на кои најдобро можеш да одговориш само ти.
Духовна зрелост
Зошто го славиме Божиќ? Зошто нам би ни било важно да го прославуваме раѓањето што се случило пред повеќе од 2000 години? Која е главната порака на Библијата? Содржината од следните денови до Божиќ може да ти помогне да добиеш одговор на овие прашања, а со тоа и да почнеш да растеш духовно и да учиш повеќе за Бог и христијанството.
Користиме колачиња (cookies) со цел непречено функционирање, статистики и подобрување на Вашето корисничко искуство. Детални информации за начинот на кој може да ги смените Вашите преференци за колачињата може да најдете на Политика за приватност и Политика за колачиња.Ok