Стотици години пред Исус да се роди, старозаветните библиски пророци го предвиделе Исусовото раѓање, како и многу други детали од Исусовото делување, чуда, распнување, смрт и воскресение. Дури и да ги немаме евангелијата, само од пророчките списи може да се конструира едно резиме на Исусовиот живот, па дури и целта и значењето на Исусовото доаѓање на Земјата.
„А ти Витлеему Ефратов, најмалиот меѓу Јудините кнезови, од тебе ќе ми излезе Оној Кој ќе владее со Израел; Неговото потекло е од дамнини, од вечните времиња.”
(Пророк Михеј 5:2, Библијата)
Витлеем е многу мало село во Јудеја. Тогаш било уште помало, затоа што денес е туристичко место заради Исусовото раѓање таму и затоа пророкот Михеј го нарекува најмалиот меѓу Јудините кнезови (градовите во Јудеја). Која е веројатноста да го погодите на среќа ова мало село како родно место на Месијата? Христовото и само Христовото потекло е од дамнини и од вечни времиња и затоа знаеме дека ова пророштво се однесува на Него.
Витлеем (на еврејски Бетлехем) значи „куќа на лебот“. Исус во евангелијата за себе вели „Јас сум лебот на животот…“ и „Јас сум лебот што слезе од небото..“. Лебото од Небото слегол и се вдомил во место наречено Куќа на Лебот – колку совршено го скроил тоа Бог зарем не?
„Затоа, Господ самиот ќе ви даде знак: Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе го наречат Емануел!“
(Пророк Исаија 7:14, Библијата)
Името „Емануел“ на еврејски (Еману-Ел) значи „Бог со нас“, „Бог меѓу нас“. Исус беше токму тоа, Бог кој се отелотвори и чекореше меѓу луѓето.
“Глас вика: “Пригответе Му на Господа пат низ пустината. Израмнете ја патеката на нашиот Бог во степата. Нека се издигне секоја долина, нека се спушти секоја гора и бреже. што е нерамно, нека се израмни, стрмнините нека станат рамни. Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види, зашто Господовата уста зборуваше.”
(Пророк Исаија 40:3-5, Библијата)
Јован Кристител му го подготви патот на Исус на тој начин што првите ученици кои Исус ги доби беа од учениците на Јован. А и самиот Јован велел:
„Во тие дни дојде Јован Крстител и проповедаше во пустината Јудејска, велејќи: “Покајте се, зашто се приближи царството небесно!” Зашто тој е оној, за кого пророкот Исаија рече: “Гласот на оној, кој вика во пустината: Пригответе го патот за Господа, направете ги прави Неговите патеки!”“ (ев. Матеј 3:1-3, Библијата)
„Во последното време Тој ќе го прослави патот покрај морето од онаа страна на Јордан – незнабожечката Галилеја. Народ кој одеше во темнина, виде голема светлина; оние што живееја во мрачна земја, ги осветли силна светлина… Зашто, ни се роди Дете, Син ни се даде, власта му е на рамото. Името ќе Му биде: Чудесен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот. Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот над Давидовиот престол, над неговото царство: ќе го зацврсти и ќе го утврди во правина и во праведност. Отсега и довека ќе го направи тоа приврзаната љубов на Господа над Воинствата.“
(Пророк Исаија 9:1-7, Библијата)
Во следниот и последен дел ќе го погледнеме исполнувањето на овие пророштва…