19И тоа е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“ 20Тој призна и не одрече, туку објави: „Не сум јас Христос.“ 21И го прашаа: „Кој си, тогаш? Илија ли си ти?“ И рече: „Не сум.“ „Пророк ли си?“ И одговори: „Не.“ 22А тие му рекоа: „Па кој си, за да можеме да им одговориме на оние што нѐ испратија; што велиш за себе?“ 23Тој рече: „Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го Господовиот пат, како што вели пророкот Исаија.“ (Исаија 40:3) 24А испратените беа од фарисеите; 25и го запрашаа велејќи: „Зошто тогаш крштеваш, кога не си Христос, ниту Илија, ниту пророк?“ 26Јован им одговори и рече: „Јас крштевам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. 27Тој е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.“ 28Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштеваше Јован.